Десетина верници изутрина околу осум часот стоеа пред влезната врата на црквата „Пресвета Богородица“ во центарот на градот. Некои од нив носеа шише зејтин, другите беа со свеќи во раце. Влезната врата на храмот во кој што се слушаа звуците на богослужбата беа завторени и внатре не се пропушташе никој.
-Кога ќе заврши службата ќе можете да влезете и да се помолите, но само еден по еден. Сега не пропуштаме никој заради мерките против корона вирусот, ни објаснија на киоскот во кој што се продаваат свеќите.
Никој од верниците не се бунеше заради тоа. Сите присутни мирно чекаа во предворието на храмот запазувајќи ја мерката да бидат оддалечени два-три метри едни од други.
Со ваква слика денеска во Скопје започна празнувањето на Велики Четврток, со кој, всушност, почнуваат празнувањето на престојните велигднески денови. До Скопската епархија соопштија дека црквите ќе бидат отворени од 7 до 15 часот при што богослужбите ќе се одржуваат без присуство на верниците за да се запазат препораките за забрана на јавни собири.
Инаку, денеска, на Велики четврток, во домовите на верниците традиционално се бојадисуваат велигденските јајца кои треба да се црвени, а што ја симболизира Христовата крв. Првото јајце се остава пред иконата во домот, за да не штити од зли сили, да носи здравје, среќа и успех.
Одржувањето на богослужбите, присуство на верниците, деновиве предизвика бројни реакции во јавноста. Дел од граѓаните реагираа дека во црквите може да се случи пренесувањето на вирусот меѓу присутните граѓани. Други пак ја одобруваат постапката на црквата.
Црквите нема да бидат затворени, но во нив службите ќе се одржуваат по посебен режим. Така, утре на Велики Петок храмовите на МПЦ-ОА пак ќе бидат отворени од 7 до 15 часот, а верниците ќе може да ги посетуваат со запазувањето на растојанието. Од петок во 16 часот па се до вторник во 05 часот, додека ќе трае предвидениот полициски час, кој се совпаѓа со централното велигденско празнување, во црквите ќе се одржуваат службите но само со присуство на свештениците.
-Велигденото годинава да го прославиме дома, во нашите срца, порача во своето послание архиепископот г.г Стефан.
Во вторник, по истекот на полицискиот час, литургијата по црквите ќе се служи со ограничен број на верници внатре, а останатите ќе може да присуствуваат надвор, со запазување на растојанието. Светата Причест, порачува МПЦ, секој од подготвените верници, ќе може да ја примат од 8 до 10 часот во духот на претпазливост.
Премиерот Оливер Спасовски порача дека Владата не може да донесе одлука за затворање на црквите дури и во услови на вонредна состојба бидејќи верските права се неприкосновени.