Конзорциумот со седиште во Хонг Конг „Дип нолеџ груп“, објави нова листа поврзана со Ковид-19, рангирајќи разни земји во однос на нивната безбедност и ризик. Според анализата, Унгарија е меѓу државите кои најдобро се справуваат со епидемијата на коронавирус во Европа, веднаш зад Германија, Австрија и Швајцарија, пишува „Хангари тудеј“.
Листата ги рангира државите според општата безбедност и долгорочната стабилност и укажува кои граѓани имаат најмала веројатност да се заразат, заедно со најмала веројатност за смрт предизвикана од Ковид-19 и најголема веројатност за закрепнување и позитивен здравствен исход.
Земјите беа оценети со земање предвид бројни специфични параметри, како што е временската рамка на рестриктивни мерки што беа воведени во испитуваните земји, колку се строги тие, ограничувања за патување, обемот на дијагностика, ефикасност на тестирањето и колку добро се опремени болниците.
Врз основа на овие фактори, анализата утврдува дека Израел е земјата која најдобро се справува со кризата Ковид-19, на второ место е Германија и Јужна Кореја на трето. Покрај Германија, претежно азиски земји завршија во првите десет, со исклучок на Австралија (4-та) и Нов Зеланд (6-ти).
Унгарија се најде на 14-то место, веднаш по Канада. Според проценката во Европа, Унгарија е рангирана на четвртото место веднаш после Германија, Швајцарија и Австрија.