Работната група против забраната за движење во шума со над 1.100 членки – организации и физички лица денеска соопшти дека испратила писмени реакции до Владата и министерствата за земјоделство и за внатрешни работи со кои бара укинување на оваа мерка.
Во тек е, како што информира Работната група, и петиција против мерката, која ја имаат потпишано над 5.300 лица.
Планинарите и рекреативците бараат и средба со министерот за земјоделство и со претставник од ЈП „Национални шуми”, како и од Министерството за внатрешни работи во најкус можен рок.
Според нив, во контекст на мерките против вирусот, дополнителни забрани за движење и рекреација се спротивни на препораките за здравје од СЗО. Забраната за движење во шума и рекреативни места е кршење на човековото право на слободно движење и кршење на уставно право на граѓаните.
-Бараме отчет врз база на која анализа, индикатори и аргументација се донесе мерката, без консултативен процес со засегнати страни – граѓаните, на тотално недемократски и авторитарен начин. Сметаме дека оваа мерка не е целисходна – се објавува во период кога голем дел од планинските и шумските предели се уште се под снежна покривка или се со влажна почва од неодамнешните врнежи, а временските прилики не сугерираат поволни услови за ширење пожари. Планинарите и рекреативците не се закана за ширење пожари. Целосно е неразумно Владата и институциите да воведуваат дополнителни отежнувачки мерки кои крајно негативно ќе влијаат на психофизичката состојба на значителен дел од популацијата, укинувајќи ги сите опции за разумно и одговорно изложување на сончевите зраци и благотворното дејство на кислородот и чистиот воздух, наведува Работната група.
Целиот текст можете да го прочитате на 24info.mk