Синдикатот ги прогласи за првомајска победа промените на уредбите за платите во приватниот сектор, додека министерката за финансии истакна дека конструктивниот дијалог дава резултати.
Сојузот на синдикати (ССМ) го спушти тонот кон Владата и министерката за финансии Нина Ангеловска, откако денеска повторно беше изменета Уредбата за субвенционирање на платите на вработени во фирмите кои забележале загуби од почетокот на кризата со коронавирусот.
ССМ, во денешното соопштение, го поздрви потегот со кој на фирмите што ќе аплицираат за помош од државата за исплата на плати до 14.500 денари им се „забранува“ да отпуштаат вработени до крајот на јули, а освен тоа ќе може да ги вратат на работоа оние кои биле отпуштени од почетокот на март досега.
„Првомајска победа на ССМ. Стоп за можноста за отпуштање на работници. Ги враќаме назад отпуштените работници од почетокот на кризата. Социјалниот дијалог што го води ССМ со Владата и аргументираните барања даваат резултати“, се нагласува во соопштението.
Потоа, се наведува дека со донесените измени се гарантираат работните места во услови на криза, се обезбедува заштита на работничките права и достоинствен приход и се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос.
„ По предлог на ССМ и синдикатите, на денешната седница Владата донесе дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работни односи за време на вонредна состојба со која се овозможува ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и соодветно нивно пријавување во системот на задолжително социјално осигрување со што ќе се намалат последиците од настанатите состојби во овој период“, објаснуваат од ССМ.
Министерката Ангеловска, пак, оцени дека со конструктивен дијалог секогаш може да се дојде до решенија кои ќе ги пресретнат очекувањата на двете страни, а истите се во интерес на заштита на работните места и заштита на оние кои ги изгубиле работните места.
„На владината седница, денес – на 1 Мај, усвоивме две уредби со законска сила – можност работниците кои ги загубиле работните места во текот на кризата да бидат вратени на работното место до 7 мај и со тоа да добијат плата за месец април и допрецизирање на уредбата за финансиска поддршка од 14.500 денари со цел засилување на владината политика за спас на работни места, а во согласност со синдикатите“, објаснува Ангеловска во објавата на Фејсбук.
Осврнувајќи се на двете измени, министерката за финансии појаснува дека работодавачите кои одјавиле работник од задолжително социјално осигурување во периодот од 11 март до 30 април може да склучат спогодба за враќање на работа. Работникот ќе се врати на работното место и ќе земе плата за месец април, а доколку работникот не сака да се врати на работа, тогаш работодавачот може на негово место да пријави друго невработено лице.
Со измената на уредбата за финансиска поддршка за плати, пак, за репер за бројот на вработени ќе биде месец април, а не месец март. Со оваа измена се допрецизираат условите во однос на задржувањето на бројот на вработени.
Измените на уредбите се направени по средбата со синдикалните организации и здруженија на граѓани кои жестоко реагираа на одредби од уредбата за субвенционирање на плати за вработените во стопанството, во делот на отпуштање на вработени.