Постојат одредени знаци кои ја покажуваат желбата на работодавачот да ве вработи уште за време на вашето интервју.
Интервјуто е првата препрека која секој што бара работа мора да ја помине за да се вработи. Сите знаеме дека тие можат да бидат напорни и напнати, а не секогаш се случува да ве изберат токму вас.
Сепак, постојат одредени знаци кои укажуваат на тоа дека работодавачот е подготвен токму вас да ви понуди работа.
За да избегнете со денови и месеци да размислувате за тоа како поминало вашето интервју, обрнете внимание на неколку работи во текот на разговорот со вашиот потенцијален работодавач.
За почеток, следете ги движењата на лицето и телото. Ако лицето што ве интервјуира одржува контакт со очите, се потпира нанапред или се насмевнува, големи се шансите да сте оставиле добар прв впечаток.
Потоа, обрнете внимание на начинот, тонот и содржината на разговорот. Доколку разговорот продолжи и на ваши теми, кои не се директно поврзани со бизнисот на компанијата, тоа е уште еден позитивен знак за вас.
Добар знак е и кога лицето што ве интервјуира ви посветува целосно внимание не дозволувајќи да биде дефокусирано од телефонски повик, е-пошта или порака. Со тоа индиректно покажува интерес за вас, како и за тоа што го зборувате.
Кога лицето што ве интервјуира е вистински заинтересирано за вас, тоа ќе инсистира да ве запознае со останатите колеги или директно со неговиот претпоставен. Ова значи дека вашиот соговорник сака да побара и второ мислење со цел да се увери дека носи правилна одлука.
Уште еден позитивен знак е кога тој ве прашува за вашата достапност и подготвеност да започнете со работа веднаш.
Знак дека работодавачот ве посакува во својот тим е и доколку ја отвори темата за плати и други бенефити на работното место.
Она што може да ве охрабри на самиот крај на разговорот е дефинитивно цврстото ракување и широката насмевка. Секако, ова може да биде само знак на добро расположение, меѓутоа мнозинството луѓе на овој начин испраќаат сигнал дека имаат афинитети кон вас.
Додека ги следите овие знаци, важно е да останете мирни и професионални, особено кога ќе заврши интервјуто, затоа што вашиот прв впечаток е дефинитивно важен!