Иако многумина очекуваа поинаков исход, Букурешт се најде на првото место на листата со градови во кои е најдобро да се работи од далечина.
Брзиот интернет и ниските трошоци за живот го ставија Букурешт на врвот на листата со најдобри градови за далечинско работење која ја објави британската веб страница Broadbanddeals.co.uk.
Веднаш позади Букурешт, се наоѓаат три американски градови меѓу кои Хјустон, Лас Вегас и Атланта.
На петтото место е Будимпешта, а потоа следат Сан Франциско и Лос Анџелес.
Меѓу првите десет се и Киев, Чикаго и Варшава.
Од друга страна, на неславното прво место на листата со најлоши градови за работа од далечина се најде Рим, проследен со Милано, Сеул, Париз и Хамбург.
На шестото место е Амстердам, а следни се Лондон, Келн, Минхен и Манчестер.
Главниот град на Романија ги победи конкурентните благодарение на евтиниот, но брз и сигурен интернет и другите фактори како што се трошоците за живот, цената на лаптопите, бројот на работните места што овозможуваат работа од дома и достапноста на компаниите за испорака на храна.
Покрај овие фактори, земен е предвид и технолошкиот бум кој во последните неколку години му се случува на Букурешт, па како резултат на тоа, понудата на работни места во ИТ секторот значително порасна.