Сите оние кои ќе сакаат да влезат во Хрватска ќе мора да имаат потврда дека се тестирани на коронавирус, изјави директорката на Клиниката за инфективни болести, Алемка Маркотиќ. Таа додаде дека тестот не смее да биде постар од 24 часа.
„Оние кои ќе сакаат да влезат во Хрватска ќе мора во својата земја да направат ПСР тест кој не смее да биде постар од 24 часа. Само со таа потврда ќе може да влезат во земјата. Тестот е веродостоен, но не е 100 отсто сигурен, па затоа мора да бидеме внимателни“, рекла Маркотиќ за Дневникот на ХРТ.
Ова го потврди и директорот на Хрватскиот завод за јавно здравје, Крунослав Цапак.
„Прво ја воведовме мерката за оние кои доаѓаат во земјата дека мора во изолација 14 дена. Но оние кои работат во пограничните региони почнаа да прашуваат дали може да ја прекинат самоизолацијата и тоа го практикувавме некое време. Но тоа се покажа компликувано. Па воведовме дека може да дојдат само на 72 часа. За продолжениот викенд во Хрватска влегле повеќе од 2.000 луѓе. Сега секој ќе мора да има потврда дека е тестиран на вирусот и само со такви потврди ќе може да влезат во Хрватска“, рекол Цапак.