Додека Италија води битка со коронавирусот, на еден италијански млекар му дојде одлична идеја: Зошто да не почне да издава „сирница“?
Џузепе Морезе, сопственик на една италијанска фарма, го нарече тоа креативно финансирање. Луѓето плаќаат однапред и добиваат потврда дека нивното caciocavallo, сирење во форма на солза, ќе ги чека кога ќе созрее доволно.
Плати сега и ќе го добиеш финалниот производ кога ќе созрее, вели Морезе на неговата фарма во близина на Неапол.
Позади него, десетици биволи пасат и се тркалаат во калта. Во овој крај, добитокот е примарна дејност бидејќи од нивното млеко се прави моцарела за бројни пицерии во регионот.
Но, сите ресторани се затворени со недели поради пандемијата со коронавирус.
Па така, наместо да го фрли вишокот млеко, Морезе реши да го искористи за caciocavallo, кој исто така важи за специјалитет во италијанскиот југ, но обично се правил од кравјо и овчо млеко.
На нашите клиенти, барем на оние кои се најблиску до нас и кои најмногу ги сакаат италијанските производи, им нудиме можност да инвестираат во нас и да не поддржат, рече тој.
Италијанската економија запре откако владата, борејќи се со најлошата зараза во Европа, одлучи да ги затвори сите продавници и ресторани.
Големината на сирењата на Морезе сугерираат дека тој се подготвува за најлошото.
Ние ги правиме сирењата толку големи затоа што сакаме тие да зреат долго време, вели тој, додавајќи дека се надева дека дотогаш Covid-19 ќе биде само кошмар.
Со сирницата (еден вид на хартија од вредност) Морезе планира да го врати својот бизнис во рамнотежа. На пример, една двојка платила 45 евра и добила гаранција дека ќе добие 7 килограми сирење за нивната венчавка која ќе биде 2 години од денес.
Најголемиот проблем со кој моментално се соочуваат италијанските компании е како и каде да ги испорачаат своите производи.