По речиси три години директни летови меѓу Скопје и Доха, „Катар ервејс“ летово нема да ја опслужува оваа авиолинија. Глобалната пандемија на корона вирусот и огромното намалување на интересот за патување со авиони придонесоа катарската авиокомпанија од крајот на мај да планира авиосообраќај само до 52 дестинации, додека во јуни би се активирале редовните летови до вкупно 80 дестинации, се нагласува во нивното официјално соопштение.
На веб-страницата на „Катар ервејс“ можат да се набават авиобилети за директни летови меѓу Скопје и Доха дури за крајот на октомври годинава. Во меѓувреме, патниците кои треба да летаат кон и од оваа дестинација имаат избор за трансфер од аеродромите на неколку града во регионов (Истанбул, Виена, Загреб и Белград), преку кои тие би патувале од и до Скопје.
Покрај „Катар ервејс“, скопскиот аеродром летово ќе остане и без планираното воспоставување на новите дестинации кон Израел и Турција. Планираните летови меѓу Скопје и Измир за крајот на мај се откажани, а истото важи и за директното поврзување меѓу Скопје и Тел Авив за првата половина на јуни, пишува специјализираниот портал за авиација „Екс-ју авиејшн“.
Авиосообраќајот од двата аеродрома во земјава беше прекинат на средината на март, без најава од државните власти за конкретен датум кога тој повторно ќе биде воспоставен. На веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје е објавен единствено зимскиот ред на летање, којшто беше со важност до 28 март годинава, додека претстојниот летен ред за летање засега не е публикуван.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска појасни дека Комисијата за заразни болести сè уште нема дадено предлог до Главниот кризен штаб ниту за отворање на аеродромите, ниту за граничните премини. На ТАВ ќе им бидат потребни седум до десет дена за евентуални тестирања на аеродромот пред отпочнување со работа.
– Ние разговараме на Штабот, но сè дури не стигне конкретен предлог од Комисијата за заразни болести нема да се носи таква одлука – појасни Сугарески.
Епидемијата со корона вирусот влијаеше за прв пат по неколку години во земјава да има намалување на бројот на превезени патници кај воздухопловниот превоз. Во првиот квартал од 2020 биле превезени 10,5 отсто помалку патници во однос на истиот период лани. Најголемо намалување кај бројот на патници се очекува во вториот квартал, бидејќи аеродромите во Скопје и Охрид не работеа цел април, а нема најава дека ќе профункционираат редовните летови ниту во мај.