Дрекслмајер го поддржа Здружението на граѓани за лица со посебни потреби „Надеж“, Градско со специјално транспортно возило, а Општина Градско доби нови модерни автобуски постојки.
Со специјалното транспортно возило што Дрекслмајер го подари на Здружението „Надеж“ се зголемува мобилноста на околу 150 лица со посебни потреби меѓу кои и стари и изнемоштени лица од Општина Градско. На возилото му беше извршена преадаптација и вградена хидраулична рампа, со што и неподвижните лица кои користат инвалидска количка едноставно и лесно ќе бидат транспортирани до соодветното место. Голем дел од оваа категорија на граѓани има потреба од придружник и помош при движењето, а со достапноста на транспортното возило значително ќе им се подобри секојдневното функционирање, а воедно е големо олеснување и за нивните семејства и придружници.
Со втората донација од компанијата Дрекслмајер, сите жители на Општина Градско ќе можат да ги користат новите модерни автобуски постојки. Конструкцијата на овие постојки ѝ даде на главната улица во Градско нов, урбан лик.
„Голема благодарност до компанијата Дрекслмајер за двете донации. Со поддршката на Здружението на лица со посебни потреби „Надеж“ ќе се овозможи поголема мобилност на членовите на здружението и тие сега ќе можат поедноставно да ги извршуваат своите потреби. Општина Градско се обврзува да се грижи за одржување и континуирана техничка исправност на возилото“, истакна Роберт Бешовски, градоначалник на О. Градско. Тој додаде и дека новите автобуски постојки донирани од Дрекслмајер се веќе во функција и можат да ги користат сите жители на општината.
„Иако сите се наоѓаме во специфични кризни услови предизвикани од пандемијата на коронавирусот, сепак не смееме да ги занемариме потребите и на лицата кои припаѓаат на оваа ранлива категорија на граѓани. Токму затоа Дрекслмајер подари адаптирано транспортно возило за овие лица, кое е второ од ваков вид што компанијата го донира на некое од граѓанските здруженија. Исто така драго ни е и што отсега жителите на Општина Градско ќе користат нови, современи автобуски постојки“, рече Лукас Мирингер, генерален директор на Дрекслмајер, Кавадарци.
Како општествено одговорна компанија, Дрекслмајер во континуитет реализира проекти во различни области. Поддршката на лицата со посебни потреби е значајна за компанијата и токму затоа се спроведени повеќе проекти како донација на специјални транспортни возила, адаптирана инфраструктура и простор во рамки на фабриката, но и прилагодени работни места за поголема инклузија на овие лица во работниот процес.