На вчерашната седница Владата донесе Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба, согласно која на невработено лице, на кое работниот однос му престанал во период од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари паричен надоместок во висина од 50% од месечната нето плата на работникот исплатена во последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната нето плата во земјата, објавена во последниот месец.
Овој надомест се исплатува во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, кога спогодбено му престанал работниот однос или кога работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.
Со донесување на Уредбата ќе се обезбеди материјално обезбедување и на невработени лица на кои работниот однос им престанал не по нивна вина и воља.