Во првите денови од јуни, Црна Гора ќе ги отвори своите граници со земји што ги исполнуваат критериумите на Институтот за јавно здравје, најави премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ.
На прес-конференцијата на Координативното тело за борба против заразни болести, Марковиќ рече дека критериумот бил максимум 25 заболени на 100.000 жители и дека прво границите ќе бидат отворени за граѓаните на Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Полска, Чешка, Унгарија, Албанија и Грција.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со фактот дека нема да се отворат границите за граѓаните на БиХ и Србија во првите денови од јуни, Марковиќ рече дека ќе се отворат границите на државите кои имаат слична епидемиолошка ситуација како Црна Гора. Тој додаде дека границите ќе бидат отворени за БиХ и Србија кога ќе имаат ситуација до 25 заболени на 100.000 жители, што е критериум на Институтот за јавно здравје.
Марковиќ рече дека во план е да се отворат градинки, предучилишни установи и игротеки во Црна Гора уште во следната недела, како и да се овозможи ограничен број публика да ги следи спортските настани, притоа почитувајќи ги мерките за заштита.
Ќе се дозволи и организирање крштевки, свадби и семејни празнувања, но со почитување на мерките за заштите и бројот на присутни, рече Марковиќ. Тој потсети дека Црна Гора стана првата земја ослободена од коронавирусот во Европа и им честиташе на сите што беа на првата линија на одбраната.