Десетици новинари кои работат на веб-страницата на Мајкрософт ќе бидат заменети со вештачка интелигенција и автоматизирани системи кои автономно ќе одлучуваат кои статии ќе бидат објавени, пишува Гардијан.
Новинарите во моментов се одговорни за избор на статии од различни медиуми и фотографии, како и за креирање на наслови на веб-страницата на МСН.
Во иднина, оваа задача ќе ја преземе вештачката интелигенција, велат извори од компанијата.
Мајкрософт соопшти дека станува збор за промена во склоп на досегашната евалуација на работењето.
Како и другите компании, ние редовно го проценуваме нашиот бизнис. Ова може да резултира во зголемена инвестиција во одредени сегменти и, од време на време, прегрупирање во други. Овие одлуки не беа донесени заради тековната пандемија, се вели во соопштението на Мајкрософт.
Мајкрософт, како и другите технолошки компании, им плаќа на медиумите за да ги користи нивните содржини на својата веб страница.
Сепак, тие вработуваат новинари кои одлучуваат кои статии ќе бидат на порталот МСН.
На околу 50 хонорарни новинари ќе им заврши договорот со Мајкрософт до крајот на јуни, пишува Сиетл Тајмс, но вработените со полно работно време нема да бидат отпуштени од работа.
Помислата дека машините можат да не заменат е деморализирачка, рече еден новинар кој повеќе нема да работи за Мајкрософт.
Некои отпуштени новинари укажаа на можноста вештачката интелигенција да не може да ги препознае строгите правила на уредување, така што несоодветната содржина би можела да заврши на веб страницата.