Секој одработен ден со пациенти заразени со коронавирус кои се сместени во болничките установи, амбулантите и брзата помош, на медицинските работници во Русија ќе им се смета како три дена стаж.
Тоа го најави прес-службата на руското Министерство за труд посочувајќи дека на медицинскиот техничар за брза помош кој два месеци работел со инфицирани лица ќе му се бројат 6 месеци работен стаж.
Работодавците ќе треба да обезбедат информации до пензискиот фонд за медицинските работници кои им даваат медицинска нега на пациенти за кои постои сомнеж дека имаат коронавирус или се веќе потврдени случаи.
Од Министерството за труд потсетија и дека предвремена пензија следува за 25 години медицинско искуство во рурална област, односно за 30 годишно искуство во град.
Претходно беше објавено дека повеќе од 153.000 медицински работници во внатрешноста на земјата - лекари, персонал за поддршка, возачи на брза помош и соработници на сојузни институции - добиле стимулативни уплати за април за да работат со пациенти заразени со коронавирус.