Секој граѓанин може од денеска да провери дали е корисник на домашната платежна картичка. Списоците на корисниците согласно дефинираните каритериуми со владината уредба се изготвени и конечната листа е објавена на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, а веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да се издаваат на корисниците.
Ова го соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска, која додаде дека банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на оваа недела, а сите картички ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.
-Заведени се вкупно 324.479 корисници на листата за Домашна платежна картичка и согласно тоа мерката ќе чини 28 милиони евра, односно поточно 27,8 милиони евра. Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност. Ова ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на Ковид-19, истакна министерката Ангеловска.
Според неа, со користењето на картичките за краток временски период ќе се инјектираат висок износ на средства во трговијата на мало и услужната дејност.
Финансиската поддршка корисниците ќе ја добијат едноставно и без постапки за аплицирање.
-Ќе добијат домашна платежна картичка препознатлива со слоган „Купувам ДОМАШНО“ која ќе ја издаваат банките, на која ќе се наоѓаат средствата и која ќе можат да ја користат. Листата на граѓани на кои им следи финансиска поддршка e објавена на страната kupuvamdomasno.gov.mk. Со внесување на својот ЕМБГ секој граѓанин ќе може да го провери износот кој му следи и да добие информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката. Банките ќе ја доставуваат картичката до адресата на корисникот на финансиска поддршка, или лицето ќе може да ја подигне во банка. Банките оваа информација ќе ја објават на својата веб-страна и ќе исконтактираат во јавност, појасни Ангеловска.