Странските производи се попривлечни за македонските граѓани од домашните. Од јули во 2019 година до средината на овој месец, потрошиле 10,8 милијарди денари на домашни производи, а на производи од увоз – 19,7 милијарди денари, покажува регистрираниот промет преку апликацијата „МојДДВ“, односно на скенираните сметки.
Според податоци од Управата за јавни приходи (УЈП), прометот од домашни производи во јули, во август, во септември и во октомври се движел околу 700 милиони, а од декември минатата година до април годинава се потрошиле над една милијарда денари. За странски производи во тој период најмногу трошеле во јули, во октомври, во февруари и во март, како и во јуни. Во одредени месеци за купување на производи од увоз биле издвоени и над шест милијарди денари.
Преку мерката „МојДДВ“ што стартуваше во јули лани, до март оваа година е извршен поврат на ДДВ од 10,7 милиони евра на граѓаните. Граѓаните добиваа 15 отсто од пресметаниот ДДВ на производите што ги купиле, а од неодамна Владата направи промени за поврат на ДДВ кај македонските производи од 20 отсто и на производите од увоз поврат од 10 отсто. Целта, е да се поттикне купувањето на домашни производи, а со тоа да се помогне домашната економија и да се заштитат работните места.
Во таа насока беше и воведувањето на Домашната платежна картичка каква ќе добијат 320.000 граѓани, а мерката е во вкупна вредност од 28 милиони евра. Банките интензивно работат на издавање, а досега над 50.000 граѓани веќе ја добија и ја користат за купување домашни производи. Мерката Домашна платежна картичка е дел од третиот пакет мерки на Владата, а целта е да влијае на амортизирање на ударот врз економијата, односно подобро справување со ударот врз економијата како резултат на забавување на економската активност.
Граѓаните ќе ги користат картичките за купување на домашни производи и услуги. Минуваат во хотели, во одморалишта, во туристички агенции, во угостителски објекти, во ресторани, во супермаркети, во продавници за храна, во пилјари, во пекари, за мебел, за производи за домаќинство, во книжарници, за спортска опрема, за облека, во аптеки, во салони за убавина, во фризерски салони, итн.
Сите граѓани кои ги исполнуваат критериумите за домашна платежна картичка, истата треба да ја добијат најдоцна до 18 јули, а средствата треба да ги искористат најдоцна до 15 август.