Македонската граница кон Србија и кон Косово и натаму останува отворена и за сега нема одлука за промена на режимот на влегувањето на државјаните од овие две соседни земји. Ова денеска го изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски кој рече дека во сила си останува старата одлука.
За денеска се очекуваше препорака од Комисијата за заразни болести која решаваше дали да предложи затворање или пак нов режим на влегување за граѓаните од Србија и од Косово. Но, Комисијата го завршила состанокот без да утврди конкретна препорака.
Премиерот Спасовски рече дека не добиле препорака од Комисијата.
-Ова не е прашање на политика, и затоа Владата не може да носи одлука која би била политичка. Ние сакаме да носиме одлука врз основа на проценка на стручните лица. Ако се согледа каква било потреба, ако се согледа дека има потреба да се преземат мерки, тогаш ќе се разговара на Влада. Засега Владата нема донесено никаква одлука, и во моментов важи старата, односно дека границите се отворени, изјави Спасовски.