Повеќето тестови за коронавирус во САД се целосно бесмислени, затоа што луѓето треба да чекаат долго на резултатите, истакна американскиот милијардер и филантроп. Повеќето резултати се чекаат повеќе од 48 часа, а таквото тестирање е целосно промашено, смета Гејтс.
Американскиот претседател го истакна зголемувањето на обемот на тестирање за коронавирус во САД, на што целиот свет би можел да и завидува на оваа земја. Сепак, времето кое е потребно за да се добијат резултатите е предолго за да се запре ширењето на вирусот, наведува „Си-ен-би-си“.
Лабораториите низ целата земја заостануваат во издавањето на резултатите од тестот за коронавирус поради зголемувањето на бројот на заболени. Голем број пациенти ги чекаат резултатите неколку дена до една недела, соопштено е од двете најголеми лабораториски компании во земјата.
Просечното време на чекање за резултатите од тестот е над два дена за пациенти со најголем приоритет, соопшти компанијата „Квест дајагностикс“, додека за сите други надминува седум дена.
Бил Гејтс посочува дека тестовите чии резултати се чекаат повеќе од три дена, понекогаш и до седум, не треба да чинат ниту долар.
„Тоа е лудо“, рече тој.
Основачот на „Мајкрософт“ посочува дека е неопходно да се направат приоритети и дека членовите на сиромашните слоеви на општеството кои се изложени на најголем ризик треба да добијат резултати во рок од 24 часа.