Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека можеби никогаш нема да има сигурен лек за коронавирусот, иако сите се надеваат на спасоносна вакцина против вирусот со кој се заразија десетици милиони луѓе.
„Во моментов немаме конечно решение за вирусот, и можеби никогаш нема ни да има, предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тедрос и директорот на СЗО за итни програми Мајк Рајан ги повикаа сите нации строго да ги спроведат здравствените мерки како што се носење маски, физичко растојание, миење на рацете и тестирање.
„Пораката до луѓето и владите е јасна: Направете сè, рече Тедрос на брифинг во Женева.
Тој рече дека маските треба да станат симбол на солидарноста ширум светот.
Рајан рече дека земјите со висок степен на трансмисија, меѓу кои се и Бразил и Индија, треба да водат голема битка.
„Излезот е долгорочна и постојана посветеност, истакна тој.
Претставниците на СЗО изјавија дека тимот за истражување на СЗО, кој бил испратен во Кина од каде потекнува вирусот, сè уште не се вратил.
Тедрос исто така ги повика мајките да продолжат со доењето на своите деца и ако имаат Ковид-19, затоа што придобивките значително го надминуваат ризикот од зараза.