Никој од надлежните институции и организации не се осмелува да каже точно кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот, иако во моментов тоа е една од најбараните информации во светот.
Сепак, Бил Гејтс, основачот на „Мајкрософт“ и технолошки могул, има свое предвидување. Тој смета дека луѓето низ светот ќе го дочекаат крајот на пандемијата во различни периоди, во зависност од тоа дали живеат во земји во развој или побогати земји како САД.
„Иновациите за подобрување на дијагностиката, новите терапии и вакцините се навистина импресивни“, рече Гејтс за списанието „Вајрд“ во интервју објавено во петокот.
„Поради тоа, мислам дека пандемијата во голема мерка, особено кај богатите земји, би можела да заврши уште кон крајот на 2021 година. Во светот во целина, тој рок би бил продолжен до крајот на 2022 година“, рече Гејтс.
Основачот на „Мајкорсофт“, кој финансира медицински истражувања и активности за пронаоѓање на вакцина против вирусот, не е претеран оптимист во однос на неговото искоренување. Тој е свесен дека, дури и ако се оствари неговото предвидување, пандемијата ќе уназади многу земји во светот, економски и инфраструктурно.
Во своето интервју, Гејтс остро го критикуваше и американскиот систем за тестирање за коронавирус и изрази фрустрација за тоа како претседателот Доналд Трамп и неговата администрација постапуваат по однос на пандемијата.
Технолошкиот могул верува во пронаоѓањето на вакцина против Ковид-19, но посочува дека некои вакцини ќе им помогнат само на богатите и развиените земји, кои ќе можат да дојдат до големи количини од истите.
„Оваа болест, според првичните податоци од тестирањата на вакцини врз животни и податоците од тестирањата во прва фаза, се чини дека е многу излечива по пат на вакцинација“, истакнува Гејтс.