Осумнаесет средношколци од СОУ „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци ја завршија практичната настава од областа Индустриска мехатроника според германски модел на дуално стручно образование. Неколкумина од нив веќе ги потпишаа своите први работни договори со компанијата Дрекслмајер
Кавадарци 18. август 2020 – Втората генерација завршени средношколци кои три години следеа настава според германскиот модел на дуално стручно образование добија сертификат за Техничар за индустриска мехатроника. Дел од завршените средношколци веќе имаат можност стекнатото знаење да го применат на своето работно место во Дрекслмајер. Учениците покрај редовната настава во СОУ „Киро Спанџов – Брко“ посетуваа и практична настава во современо опремена работилница во рамки на компанијата.
„Голем дел од учениците се мотивирани да продолжат со своето формално образование и се надеваме дека подоцна повторно ќе ни се придружат во компанијата. Но, горд сум што неколкумина од завршените средношколци се решија својата професионална кариера да ја градат во Дрекслмајер и тие веќе се дел од нашиот тим“, истакна Славчо Дамјаноски, тренер за стручна настава, при потпишувањето на договорите за работа со идните Дрекслмајер вработени.
Димитар Спанџов е еден од учениците кој ќе ја продолжи својата професионална кариера во Одделот Сервисно инженерство како Помлад сервис техничар. Тој покажуваше одлични резултати изминатите години и зад него има неколку успешни проекти. За новото поглавје во неговиот личен развој истакна: „Техничкото образование отсекогаш беше голем предизвик за мене. Низ практични примери и настава брзо учев и ги совладував темите поврзани со Индустрискaта мехатроника. Драго ми е што отсега ќе можам стекнатото знаење да го применам во пракса и професионално да се надоградувам“.
Дрекслмајер веќе пет години обучува ученици според германскиот модел на дуално стручно образование. Во соработка со СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и Министерството за образование и наука, компанијата даде значаен придонес при изготвувањето на наставниот план и програма за овој концепт на стручно образование. Инвестирањето во младите и нивниот развој е инвестирање во иднината.