Најголемиот британски ланец на супермаркети „Tesco“ најави дека ќе создаде дополнителни 16.000 постојани работни места за поддршка на огромниот раст на својот интернет бизнис, па дури може да го зголеми и бројот на позициите откако со ограничувањата за движење ја зголемија својата продажба, пренесува „Reuters“.
– Супермаркетот очекува повеќето места да ги пополнат колегите кои привремено се приклучија на почетокот на пандемијата од Ковид-19, но сега сакаат да останат трајно – велат од компанијата.
Од „Tesco“ велат дека според позициите кои ќе бидат опфатени 10.000 луѓе се за сервисирање на нарачките за клиенти и 3.000 возачи да ги испорачуваат, како и голем број други функции во продавниците и центрите за дистрибуција.
Во време кога компаниите, вклучувајќи ги и малопродажните трговци, хотелите и авиокомпаниите, намалија десетици илјади работни места за да ги намалат трошоците, британските супермаркети започнаа да ангажираат повеќе луѓе за да се справат со зголемената побарувачка за снабдување.
Во јули, продавниците „Aldi“ и „Lidl“ објавија дека ќе создадат 1.200 и 1.000 работни места во Велика Британија оваа година, соодветно. Ова се случува бидејќи и двете компании продолжуваат со отворање нови продавници и ги зголемуваат нивните пазарни удели.
„Ahold Delhaize“, главен оператор на ланец на супермаркети во Соединетите држави и во Европа, порача овој месец дека нејзините брендови вработиле над 45.000 вработени на глобално ниво во вториот квартал.