Компанијата Zoom вреди повеќе од IBM и AMD, по вртоглавиот пораст на акциите во вторникот од дури 41%. Пазарната вредност на компанијата, којашто им овозможува на корисниците да прават групни видео повици, во моментов е 129 милијарди долари, а само во вторникот се зголеми за 37 милијарди долари.
Се проценува дека оваа компанија е најголемиот победник на кoронакризата, односно дека има најмногу профитирано од неа. Компанијата доживеа невидена популарност поради епидемијата на коронавирусот, бидејќи стотици милиони луѓе ширум светот беа принудени да се прилагодат на животот од дома, а со тоа и на работата и состаноците во такви услови.
Од 22 март бројот на дневни корисници се зголемил за скоро 380% во однос на претходната година.
Основач на оваа компанија е 50-годишниот милијардер Ерик Јуан. Како млад човек, тој сонувал да ја напушти Кина за да замине во Силиконската долина, уште од кога го слушнал основачот на Microsoft, Бил Гејтс како зборува за Интернетот.
Одбиен осум пати
Младиот Јуан поминал повеќе од две години борејќи се за виза, а за тоа време тој бил одбиен вкупно осум пати. Кога конечно доби американска виза во деветтиот обид во 1997 година, 27-годишниот Ерик Јуан не зборувал англиски јазик, но знаеше да напише компјутерски код и наскоро се вработи во компанијата за видео конференции WebEx. Компанијата беше продадена на Cisco една година подоцна за 3,2 милијарди долари (платформата сега е позната како Cisco Webex).
Јуан стана потпретседател на овој технолошки гигант, заработувајќи хонорар oд “многу високи шест цифри“. Но, тој беше несреќен. Иако првите неколку години во оваа компанија беа одлични, тој почна да забележува дека кога разговараше со клиенти на Cisco Webex, тој не гледал среќни клиенти. Тој вели дека оваа компанија и денес го користи истиот код што го напишал пред две децении.
Во 2011 го основа Zoom Communications
Како долгогодишен инженер за софтвер, Jуан веруваше дека еволуцијата на паметните телефони и таблетите создаде нови можности за унапредување на видео конференција. Затоа, во 2011 година тој реши да ја напушти удобноста на својата високо платена работа за да започне сопствен бизнис. Наскоро започна да развива платформа за видео конференции, бидејќи бараше средства за изградба и основање на нова компанија.
“Од една страна, навистина е голем ризик да се напушти многу добро платената позиција заменик претседател на веќе изградена компанија. Сепак, од друга страна, јас не бев среќен таму, што значи дека психички не беше голем ризик. Целта на животот е да се стремиме кон среќата, пред сè“, рече тој.
Неговиот ризик наскоро се исплати, па за девет години откако го основаше Zoom, компанијата се зголеми толку многу што сега вработува скоро 2.000 луѓе, додека во 2019 година ги зголеми двојно своите приходи на повеќе од 620 милиони долари.
Иако Zoom веќе забележа пораст на пазарот за видео конференции и продолжува да се соочува со силна конкуренција (како Cisco, Google и Microsoft), Хуан верува дека има уште многу простор за компанијата да расте.