Пандемијата на корона вирусот ги натера луѓето ширум светот да работат од дома и нивните искуства се различни, а честопати зависат од персоналните ситуации и условите за работа. Луѓето кои живеат сами и имаат простор и инфраструктура (брз интернет и доволно моќен компјутер за да ја вршат својата работа) и се во многу покомотна ситуација во однос на луѓето кои имаат работна маса во дневната соба каде што играат децата, кои сакаат постојано внимание, немаат доволно брз интернет, моќен компјутер итн.
Неодамна спроведено истражување во САД кое го спроведоа компаниите Qualtrics и Boardlist покажа дека во текот на пандемијата работењето од дома подобро им одело на мажите отколку на жените. Така, 57% од мажите веруваат дека работењето од дома имало позитивно влијание на нивната кариера, а дури 77% од жените велат дека биле попродуктивни додека работеле од дома со децата.
Со жените ситуацијата не е толку блескава и помалку од 50% од жените сметаат дека биле попродуктивни во текот на работењето од дома додека биле децата околу нив, а помалку од 1/3 од нив сметаат дека работењето од дома имало позитивно влијание на нивната кариера.
За тоа како работењето од дома различно влијаело на мажите и жените говорат и податоците за покачените плати. Меѓу испитаните вработени кои велат дека на некој начин профитирале од корона кризата, односно работењето од дома, 34% од мажите кои своето работно време дома го поминувале со децата добиле некој вид на унапредување, додека бројката кај жените со деца е многу помала и изнесува 9%. Што се однесува на покачувањето на платите, 26% од мажите добиле покачување во текот на пандемијата, додека тој процент кај жените е 13%.
Истражувањето покажало дека има уште неколку разлики меѓу половите во поглед на родителите кои работеле од дома. Така, 28% од мажите со деца додека работеле од дома добиле одговорност за битни проекти, додека 10% од испитаните жени ја добиле истата одговорност. Ист процент на жени со деца добиле пофалби за својата работа од дома, додека процентот на мажи кои добиле пофалби е двапати поголем.