Рубриката „Младите инспирираат, младите мотивираат“ ја креиравме со цел да споделуваме искуства на млади успешни македонски таленти и заедно да инспирираме и мотивираме!
Првото интервју го направивме со Денис Ампов, млад претприемач со јасна визија за успех. Денис има само 27 години, а веќе има основано своја компанија која успешно работи. Потекнува од Пробиштип, а живее во Скопје. За неговите успеси ќе дознаете повеќе од интервјуто:
Кој е Денис Ампов?
- Можам да се претставам како млад претприемач во оваа турбулентно време, менаџер за развој во комерцијалниот сектор во „Пивара” - Скопје и сопственик на компанијата „Smart Steps”. Мотивациски и бизнис говорник, кој има за цел да ја подигне свеста на балканското општество, кој што доаѓа од просечно работничко семејство од Пробиштип, без никаква виза за резервиран успех или остварени цели. Воедно и “workоcholic” за повеќето луѓе од моето опкружување, а јас всушност уживам во тоа што го правам и затоа немам никакво чувство на работа. Накратко тоа би било, три во еден :)
Каде го заврши твоето образование?
- Ова е тема која што најчесто ја избегнувам, но овој пат само за вас ќе одговорам – бидејќи често сум на тапет дека сум противник на формалното образование и овој пат нема да зборувам за неговите недостатоци, само ќе додадам. Формалното образование, служи да не научи како да преживееме во ова капиталистичко време, додека сериозниот пристап за неформална едукација е нешто што може да ви обезбеди живот од соништата. За мојата ЕДУКАЦИЈА, најнапред се заслужни книгите, пота неформалната литература, семинарите, работилници, вебинари, конференции. Јас сум ова што сум благодарение на неформалното образование, две работи ќе издвојам кои што направија клучна разлика во мојот развој Business Academy (Sales & Sales Management), Belgrade – Cambridge Assessment и Grant Cardone University, USA. Формалното образование, како што кажав ќе го оставам засега на страна. Сакам да им порачам на следните нови генерации да излезат од размислувањето, дека е потребно да учиме за “ПЕТКА”.
Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
- Кога ќе пораснам сакам да бидам јас! Никогаш не сум се угледувал на друга личност, градењето на сопствената личност и инвестирањето во себе е највозбудливото чувство што може да го поседува еден човек. Ти си газда на самиот себе, мозокот може да создава милион наредби, а тие наредби ме мотивираат кон поголеми достигнувања. Секогаш сум се восхитувал на луѓето што имаат големи достигнувања, исклучително ги почитувам и го вреднувам нивниот труд, но сепак никогаш не сум се замислил како некој од нив, во браншата која денес ја работам. Но ќе издвојам една личност која за жал не е повеќе меѓу нас - Коби Брајнат, кој беше мој идол од раното детство, поради кој ја засакав и кошарката.
Што те натера да излезеш од масата на просечноста?
- Уште од мал сонував за големи успеси. Моите достигнувања започнаа како професионален кошаркар уште од раните 14 години. Физичката повреда и неможноста за понатамошно играње кошарка ми донесе голема болка. Болката на човекот е првичниот мотив за да излезе од комфорната зона и да стане надпросечен. Кога внатре во тебе нешто ти вибрира постојано за повеќе, тогаш си излегол од масата на просечноста, каде оваа маса меѓувремено се задоволува со моменталното и со „што дал господ”. За такво нешто никогаш не сум ни помислил. Затоа главниот мотив да ја променам “загарантираната” просечна иднина на себе и мојата фамилија никогаш не исчезна од мене за да се борам на над просечен начин.
Каде е најголемата грешка кај младите денес?
- Најголемата грешка е тоа што младите не се обидуваат повторно после еден, два или десет неуспеси, тие едноставно се откажуваат или го избираат полесниот пат. Кога упорноста е главната квалификација на еден човек, не е е возможно да не се успее во целта. Дополнително и прифаќање на традиционалните уверувања како ,„што ти е судено”, ,„кој ќе ти дозволи да успееш”, што најчесто го стопира остварувањето на можности и искористување на целосниот потенцијал на младите луѓе.
Дали може да се успее во Македонија и како?
- Секако дека да, затоа што успехот не е нешто опипливо, тој е само задоволство на неколку клучни полиња во животот, каде не може да те спречи твојата демографска положба.
За тоа земете пример од мене и уште илјадници луѓе како мене во Македонија. На прашањето ,„како” не можам да кажам лесно, но ќе кажам едноставно. Секојдневна работа на себе!
Да, патот до успехот е непредвидлив како и било каде да сте во светот, ништо не паѓа од небо. Ако стартувате од 0 мора да знаете дека првите години се скоро без сон, без забава, без приватни активности. Но сепак во ова треба да уживате и да го гледате како огромно задоволство. Максималната посветеност, истражувањето, воспоставувањето нови контакти, едукацијата, верувајте ќе се исплатат, затоа што на никои не му било лесно кога започнал, но за среќа целите и одлуките биле посилни од изговорите.
Што е тоа што тебе те разликува од другите?
- Секој треба да се чувствува посебен, затоа што и сите сме различни на некој начин. Навиките кои ги имам како на пример започнување на денот од 5 часот наутро, ми овозможува да ги завршам сите цели за денешниот ден, а со тоа и мислам дека сум посебен, зошто сигурно е мал процентот на таквите ранобудни луѓе, и многу други дневни рутини како секојдневно читање на нефорамална литература по 25 страни на ден, кои ме прават посебен во начинот на живеење на секојдневниот живот. Со тоа што можам да имам 10 врзани состаноци во различни бранши и да не правам мешање на енергијата или исходот од нив, го чувствувам како моја голема предност, затоа што често го добивам прашањето “Како успеваш...”
Кој те инспирира?
- Верувале или не, мојата инспирација се обичните секојдневни луѓе со кои сум опкружен. Кога велам обични мислам на не јавни личности од стилот како Робин Шарма, Бил Гејтс и сл. Однесувањата и муабетот на луѓето од моето секојдневие е тоа што ме инспирира, кога ќе слушнам нешто ново од нив, некое искуство, некој проблем, па макар и некој бош разговор е тоа што ме потикнува во моментот да размислувам за реалните ситуации или да добијам некоја идеја. Поддршката од најблиските е клучна во секојдневната инспирација, бидејќи немам никакви опструкции за мојот начин на живот, кои навистина е турбулентен и се случува во еден ден да променам 3 града или повеќе часови на телефон, што навистина е напорно за блиските.
Каде сакаш да стигнеш?
- Далеку! Моите цели и планови се таму некаде на врвот, а за да го достигнам врвот ми требаат уште многу непроспиени денови. Но мерливо тоа е настан од 10000 луѓе, како и над 10000 едуцирани луѓе преку моите онлајн платформи.
Кое е твоето мото?
- Моето мото е многу едноставно и често може да се види на моите социјални профили “Кој си ти да успееш во тоа? Кој сум јас да не успеам во тоа?” сеуште не се променило затоа што и јас често имам критички умови покрај мене кои што најпрво ги гледаат негативни работи во било која идеа, отколку позитивните!
Го кажувам ова само од лично искуство, поради инаетот после ваквите критики можам да забележам многу од моите моментални успеси, а сигурно и идни.
Додека сега во моментов лансирам нова формула во мојата компанија, која во иднина ќе откријам повеќе што ќе донесе, а тоа е X24 DEDICATED TO SUCCESS!
Која е твојата порака до младите?
- На младите им препорачувам дека оваа енергија, оваа издржливост, оваа возбуда за достигнување на успесите се најсилни сега! Работете напорно и непрекинато, искористете ги овие бенефити додека сте млади, за потоа да имате комфорен живот со вашата фамилија, и да го живеете животот како што сакате, а не да го преживувате. Пет години напорно инвестирање во личен развој и креирање на правилно опкружување, со кое може да го примените наученото, може да ви донесе 50 години живот надвор од сите стандарди.