Хрватскиот парламент во средата го изгласа новиот Закон за странци со кој веќе нема да се утврдуваат годишни квоти за вработување на странски работници и кој појасно ги пропишува одредбите поврзани со влезот, престојот и работата на странската работна сила во земјата.
Со новиот закон, Владата веќе нема да одлучува за годишните квоти на работни дозволи за вработување на странци, туку работодавците ќе бидат обврзани да побараат од хрватската служба за вработување да спроведе тест на пазарот на трудот пред да поднесат барање за дозвола за престој и работа на странски работник.
Доколку се утврди дека во Хрватска нема невработени лица кои ги исполнуваат условите на работодавците, тогаш тие ќе можат да достават барање за издавање на дозвола за престој и работа до Министерството за внатрешни работи, кое по службена должност ќе побара мислење од хрватската служба за вработување за ангажирање на конкретен странец. Постапката за издавање на дозволи за престој и работа, вклучително и спроведувањето на тестот на пазарот на трудот, ќе трае најмногу до 30 дена.
Законот, исто така, пропишува исклучоци кога не е потребно да се спроведе тестот на пазарот на трудот, а тоа конкретно се однесува на дефицитарните занимања, како што се тесари, ѕидари, келнери и месари, како и во случај на сезонска работа до 90 дена во земјоделството, шумарството, угостителството и туризмот.
Со новиот закон, се воведува и нов институт за долготрајна виза, т.н. Д виза во случај кога на државјанин од трета земја му е одобрен престој поради работа, обединување со семејството, студии, истражувања и средно образование.
Уште една новина е пропишување и поповолно регулирање на привремен и постојан престој за припадниците на хрватскиот народ со или без странско државјанство, кои имаат потврда од Централната државна канцеларија за Хрвати надвор од Република Хрватска.
Покрај тоа, под поповолни услови, членовите на семејството на хрватските државјани можат да стекнат право на постојан престој, како и малолетните деца на кои им е одобрен привремен престој за период од три години, а на еден од родителите му е дозволен постојан или долготраен престој.
Новиот закон исто така ја пропишува можноста за регулирање на привремен престој на таканаречените дигитални номади, односно странци кои работат дигитално за странски работодавци.