За „храна и безалкохолни пијалоци” домаќинствата во Македонија потрошиле 43,1 процент, за „станарина, вода, електрична енергија, гас и други горива” – 10,8 проценти и за „сообраќај” – 6 проценти, од вкупно употребените средства во 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во ЕУ најмногу за „храна и безалкохолни пијалоци” одвојувале домаќинствата во Романија – над една четврина или 26 проценти од вкупните трошоци, по што следат домаќинствата во Литванија – 20,2 отсто и Естонија – 19,3 проценти.
Околу 13 проценти од вкупните трошоци на домаќинствата во ЕУ во 2019 година биле за „храна и безалкохолни пијалоци“, што е трета најголема ставка по „домување и режиски трошоци“ – 23,5 проценти и „транспорт “ – 13,1 проценти, покажуваат податоците на Евростат
Во земјите од регионот најмногу за „храна и безалкохолни пијалоци“ потрошиле жителите на Босна и Херцеговина – 28,8 проценти од вкупните трошоци на домаќинствата. Потоа следат Црна Гора – 24,5 отсто, Србија – 23,6 проценти, Бугарија – 18,4 отсто, Хрватска – 18,3 проценти и Грција – 15,5 отсто.
За споредба, домаќинствата во Ирска (8,6 отсто), Луксембург (8,9 проценти) и Австрија (9,7 отсто) – одвоиле под десет проценти од вкупните трошоци за храна и безалкохолни пијалоци.