Комисијата за енергетика предлага освен социјалните случаи субвенции за струја да се даваат и на пензионери со ниски пензии, граѓани со минимална плата и граѓани погодени од кризата, пишува Вечер пресс.
Целта како што велат од РКЕ е да се намали енергетската сиромаштија во државата, бидејќи поради кризата зголемен е бројот на граѓани кои останаа без работа и немаат пари да си ги платат сметките за струја. Предлог за зголемување на опфатот на ранливи категории потрошувачи кој ќе добиваат субвенции за струја од државата е доставен до Министерството за економија.
Во ранливи категории сега ќе влезат и домаќинствата во кои нема ниту еден вработен и кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приход, домаќинствата кои имаат невработено лице корисник на паричен надоместок од Агенцијата за вработување во висина на постојната социјална помош и е единствен приход во домаќинството, како и домаќинствата кои се со повеќе од два члена во кои има еден член што е пензионер и добива минимална пензија, односно е во првата група, и тоа е единствен приход во домаќинството. Исто така ќе бидат вметнати и домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинствата. Дополнително, имајќи ги предвид проблемите кои ги предизвика кризата во економијата, од РКЕ предлагаат во ранливите потрошувачи да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година што е корисник на парична помош во случај на невработеност од Агенцијата за вработување.
Освен тоа, за ранливи категории потрошувачи остануваат да важат досегашните правила според кои не смее да им се исклучи струја во зимски месеци, не смее да бидат исклучени доколку не им се платени три сметки, можност за плаќање на рати, неплаќање надоместок за повторно вклучување… Целта, како што велат од РКЕ е преку субвенционирање на одредена сума од страна на државата да им се помогне на домаќинствата кои не се во финансиска состојба да ги подмират сметките.
Според претседателот, Марко Бислимовски засега не се очекува зголемување на цената на струјата и додава дека во кризата енергетските компании имале сериозен проблем со наплатата и со ликвидноста но дека сега ситуацијата се смирува полека.
ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Според информациите кои ги имаме, сега цената на ЕСМ изнесува 38,8 евра за мегават час. Факт е дека имаме намалено производство од хидро капацитетите во државата кое пред сè се должи на лошата хидрологија која кон крајот на 2020 година ја имаше не само во нашата земја туку и во регионот и од тие причини имаше потреба од увоз на електрична енергија, но ЕСМ е обврзан во рамките на таа цена којашто ја понудил од 38,8 евра за мегават час да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Дали ќе увезува дополнително или не тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија, вели Бислимовски.
Според последните податоци на Министерството за труд и социјална политика по 1.000 денари месечен надоместок во време на грејна сезона добиваат 32 до 33 илјади домаќинства во државата.
Извор: Скопје24