Вработените во Европската Унија нема да мора да одговараат на е-поштата и телефонските повици надвор од работното време, но тоа ќе важи од 2024 или 2025 година, доколку Европската комисија одлучи така.
Во иднина, работниците во Европската унија ќе бидат заштитени со закон доколку не одговорат на телефонски повици и деловни електронски пораки надвор од работното време, пренесува Novac.hr.
Европскиот парламент ја усвои резолуцијата 2019/2181 (INL) според која работниците имаат право дигитално да се „исклучат“ по работното време без никакви последици за нивните работни места и кариера.
Покрај тоа, се бараат минимални услови за работа, бидејќи бројот на работници кои работат од дома во Унијата се зголеми за скоро 30 проценти за време на пандемијата. Во Хрватска, неодамна објавените податоци на Евростат посочуваат дека повеќе од 30 проценти од вработените работат од дома.
Покрај тоа, Парламентот бара да се дефинираат појасно времето на работа и периодот за одмор.
Пратениците предупредуваат на фактот дека употребата на сеприсутни дигитални уреди доведува до култура на „постојано вклучување“ и може да доведе до сериозни ментални проблеми како што се „прегорување од работа“, депресија и вознемиреност.
Иако законот звучи како одлична вест, тешко дека ќе биде донесен толку брзо. Имено, регулативите ги донесува Европската комисија, а законот вклучува амандман со кој се одлага усвојувањето на директивата за три години.
Значи, доколку Комисијата донесе ваква регулатива денес, таа би стапила на сила најрано во 2024 година или во 2025 година.