Граѓаните годинава ќе можат да аплицираат за субвенција за станбен кредит од државата, преку проектот „Купи куќа, купи стан“ на Министерството за финансии, информираат од таму.
„Објавен е јавен повик согласно кој граѓаните ќе можат да поднесат барање заклучно 31 декември 2021 година за државна субвенција на учеството или месечната рата за купување на стан или на куќа. Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.
Граѓаните можат да аплицираат за 6 различни модели кои нудат различни поволности согласно тоа дали аплицираат за субвенционирање на месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали ап купување на стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе за моделите може да се види на прирачникот објавен на веб-страната на Министерството за финансии.
Каматната стапка за станбениот кредит преку проектот е исто така исклучително поволна. За моделите каде се субвенционира ратата за првите 3 години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петатта година 3,9 проценти. Кај моделите каде се субвенционира учеството, каматата изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор.
Дополнителна поволност која ја дава проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти,“ се вели во соопштението. Во него се додава дека за проектот може да аплицираат лица кои се или не се во брак, a кои ги исполнуваат следните услови: не смеат да имаат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи не смеат да надминуваат 900 евра доколку не се во брак или 1.300 евра доколку се во брак, продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за метар квадратен и станот и куќата кои се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач. Исто така станбената површина не смее да надминува 150 м2.
„Сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат овие услови и се кредитноспособни согласно условитe можат да аплицираат во една од осумтте банки кои учествуваат во проектот: Тутунска банка, Стопанска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка-Битола, Силк Роуд банка, ТТК банка, Охридска банка и Прокредит банка.
Минатата година преку проектот се одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит, од коишто 259 за купување нов стан, а 19 за изградба на куќа. Вкупно од почетокот на проектот досега одобрени се 1.693 барања за купување на стан или куќа, или скоро 1700 граѓани или семејства преку проектот дошле до сопствен дом,“ се додава во соопштението.