Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека заклучно со јануари 2021 година во Македонија има 158681 невработени активни лица кои бараат работа. Дополнително во регистрирани се над 90 илјади работоспособни граѓани од земјава кои не бараат ново вработување и во Агенцијата се пријавуваат на секои шест месеци.
Што се однесува до податоците од Државниот завод за статистика во врска со понудата на приватниот сектор за нови вработувања, од расположливите податоци за последниот квартал од ланската година може да се забележи дека стопанството нуди нешто над седум илјади нови работни места. По дејности најмногу, или нешто над 2200 работни места, се празни во преработувачката индустрија. Потоа, податоците покажуваат дека следи секторот трговија на големо и мало, каде се бараат повеќе од 1200 работници низ целата држава. За административните дејности се потребни 710 нови вработувања. Во градежништвото се бараат 610 нови работници. Во дејностите за здравствена и социјална заштита недостасуваат 550 работници. Со побараувачка на работна сила од околу 400 работници се и секторите: транспорт и складирање, информации и комуникации, образование.
Информациите пак за големината на фирмите, покажува дека оние со број на вработени од 50 до 249 имаат најголема потреба од нов кадар и бараат 2629 нови вработувања. Нешто помалку од 300 вработени се потребни во компаниите со над 250 вработени. Во компаниите во кои има од 10 до 49 вработени се потребни нови 2100 вработени. Кај помалите компании фирми кои имаат од 3 до 9 вработени се потребни 825 нови вработувања.
Официјалните податоци на Агенцијата за вработување велат дека нешто над 18 илјади лица досега останале без работа поради ковид кризата. Но според информациите од терен бројките се далеку повисоки и опфаќаат над 50 илјади лица кои го загубиле своето работно место.