Од каде дојде идејата за создавањето на брендот #ТиноСки? Дали можеби на своите почетоци претставуваше само хоби кое со текот на времето прерасна во еден сосптвен мал бизнис?
Тиноски немаше никаква намера да стане Тиноски :) Вака накратко може да ја објаснам мојата приказна. Се случи во момент кога неопходно ми беше да се вратам на нешто креативно паралелно со сите работни обврски, за одмор и мерак на душа. Но, по објавата на првата моја шолја, која беше и сеуште е единствената жолта шолја нацртана до сега, следеа коментари од најблиските а за некој ден и побарувања за да им направам и нив. И така, од еден на друг започна да се раскажува приказната на ТиноСки која постојано се надоградува и збогатува со нови идеи, производи а најново и креативни дизајнерски решенија за различни намени. Се радувам што многу луѓе ја препознаа уникатноста на дизајните, минимизирањето на истите и сосема ненаметливо стана препознатливо креативно катче кое секојдневно има се повеќе фанови и поддржувачи.
Кога го започнавте вашиот бизнис, која беше вашата цел на почетокот?
Можам да кажам дека отсекогаш сум ја слушал интуицијата. Тиноски е мое чедо и постојано си посакував и посакувам новитети, нови предизвици, развој. Единствена цел беше да има што повеќе моменти за радости и поводи за изненадувања. Насмевката од задоволните муштерии е бесценета и тоа е она што ме храни уште од самите почетоци.
Кое е твоето мислење, дали може да се успее во Македонија со сопствен мал бизнис и како? Која е тајната на успехот?
Ако веруваш во она што го правиш и го правиш затоа што го сакаш а не затоа што треба да го правиш, тогаш мислам дека успехот е загарантиран. Не е лесно, но постојаното надоградување и прилагодување на ситуациите е клучно. Не знам како би било во друга земја, но во Македонија има многу успешни и инспиративни приказни кои покажуваат дека секаде можеш ако сакаш.
Кое е твоето мото за успех?
Кога е најтешко, не се откажувај, продолжи уште посилно и посамоуверено. Слушај ги другите но прави како што сметаш дека е правилно за твојот бренд, ти си тоа што го прави различен од останатите, во спротивно би се соединил со масата.
Што би им препорачал на младите кои што сакаат да инвестираат?
Уште веднаш да се мотивираат и да почнат да креираат своја приказна. Знам дека најтешко е да почнеш, ама вреди да се направи тој чекор. Меракот од создавањето на своја приказна е бесценет.
Како е да се отвори фирма во Македонија и да се започне со сопствен бизнис?
Среќен сум што мојата гранка во работата е дел од занаетчиската програма. И тоа носи дополнителни обврски, административни моменти, нови работи за учење, но сепак е флексибилен процес кој мора да се помине ако сакате да се развивате и одите напред. За мене ова е новитет, учам во од и случување на работите. Како и за се друго, треба посветеност и одговорност.
Како да се избере совршен простор за вашиот бизнис, за кој што сметате дека ќе биде достапен и прегледен за потрошувачите? Кое е вашето искуство во врска со тоа поле?
Интересно и практично прашање, браво :) Непишаното правило е дека секој простор треба да биде на што повидно место, со многу фрекфенција на луѓе итн. Јас често знам да кршам правила, па така и со ова. Најважно ми беше да ми се допаѓа просторот, да има душа, да е практичен и соодветен. Во моментов сум задоволен од изборот, производите се сепак поспецифични па сметам дека продажното место пред се е наменето за целната група потрошувачи а не за целата околина. Достапно а сепак на страна.
Работите и со оналјн продажба. Со почетокот на пандемијата со Ковид-19 во светот драстично се зголеми онлајн продажбата. Но, што се случува кај нас? Како оди онлајн продажбата тука во Македонија и колку сте задоволни?
Ако може да извлечеме позитивни страни од целата пандемија во светот, тогаш онлајн продажбата дефинитивно е на листата бенефиции. Кога корисниците имаат доверба во брендот, може и целосно да се функционира онлајн. Лесно е, практично и директно. Задоволен сум од фидбекот на корисниците, дури и со физички простор за продажба, многумина им е полесно да си нарачаат онлајн за да го избегнат моментот на физичко присуство, и од здравствен но и од временски аспект.
Кој е Валентин Петрески - #ТиноСки ? Што завршвите и што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
Валентин Петрески е охриѓанец кој отсекогаш знаеше дека ќе работи во ТВ ама не претпостави дека ќе му се случи и Тиноски. Уште од дете знаев дека сакам да се занимавам со креативност, динамична работа и постојани обврски на сите страни. Среќен сум што имам можност да бидам дел од Тв21 како автор и водител на емисијата Урбан Таг која оди секој ден во живо а истовремено да ја креирам својата креативна приказна со Тиноски. Инаку, дипломиран новинар, креативец без факултетска диплома и верувач дека што е твое ќе си дојде. А бидејќи честопати е дилемата за уметноста, би потенцирал дека не сум уметник но сум креативец кој верува во својата искрена приказна.
Што е она кое што секојдневно те инспририра за да создаваш такви несекојдневни дизајни кои што пленат со својата убавина?
Се она до што визуелно и емотивно сум во контакт. Вие кои ме контактиравте за овој супер муабет, корисниците кои ќе ти пишат порака како успешно сме ја завршиле работата и сме предизвикале насмевки, луѓето околу мене, семејството, секојдневните шеги и муабети на околината, многу успешни приказни низ светот... И да, веројатно најмногу, детето во мене... кое сеуште е активно и не запира.