Изминатиов викенд во Србија се беше затворено вклучително угостителите и трговските, освен прехранбените објекти, аптеките и бензинските пумпи, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот, но според надлежните мерките не дале резултати.
Според медицинскиот координатор на ковид-болницата во Арена во Белград, Предраг Богдановиќ овие мерки во изминатите три не влијаат врз намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19
– Тоа се уште не дава резултати, затоа утрово работиме со зголемен интензитет, имаме поголем број приеми и секогаш се бара место повеќе, изјави Богдановиќ за Радио телевизија Србија (РТС).
Тој додаде дека 405 пациенти во моментов се лекуваат во Арена, наведувајќи дека клиничката слика на пациентите станува се потешка од недела во недела.
На прашањето за потрошувачката на кислород во однос на ноември и декември, кога имаше силен бран, тој истакна дека тогаш во Арена имало повеќе луѓе за лекување – околу 500, но сега трошат кислород за два дена, колку што тогаш трошеле за 15 дена.
– Од тоа можете да видите колку е сериозна ситуацијата, нагласи Богдановиќ.
Властите во Србија најверојатно ќе донесат одлука за затворање на угостителските објекти на 10 до 15 дена како мерка која би требало да овозможи да се намали бројот на заразени кој, и покрај вакцинацијата, е висок и се движи од 3 до 4 000 дневно.
Ова за РТС го најавиле од Кризниот штаб и било договорено на координативен состанок на Кризниот штаб, кој нема да се состане денеска, но одлука ќе биде донесена, велат извори од ова тело.
Здравствените власти сметаат дека нема друг начин да се спречат собирањата, особено на младите, во диви дискотеки, кои секојдневно се откриваат.
Единствен од функционерите кој не се согласува со ваквите мерки е заменик-градоначалникот на Белград Горан Весиќ кој вели дека ги почитува напорите направени од извршната власт да се најде компромис меѓу барањата на медицинскиот дел на Кризниот штаб и оние што се занимаваат со економија, но смета дека „секое заострување на мерките значи економски штета и губење на работа “.,