Полициски час од 17 часот попладнето до 05 часот утрото, следниот ден од петок до понеделник е една од можните рестриктивни мерки кои се планираат за земјава за крајот на тековнава недела односно за викенд. Се размислувало дури и за целосен „локдаун“ во текот на двата дена од викендот, но таа опција сега е малку веројатна, тврди извор на Фактор кој потврдува дека од друга страна, заострувањето на рестрикциите е извесно.
Од Министерството за здравство потврдуваат дека е можно да следува викенд во кој ќе има порестриктивни мерки за заштита, но дека нема таква одлука се уште. Дали ќе има ќе зависи од бројот на заболени и хоспитализациите во деновите до петок.
Членови на Комисијата за заразни болести за Фактор велат дека нема најави за нови состаноци, а неофицијално тврдат дека нивната улога во последниот период е безначајна затоа што одлуките не се дискутираат на ниво како кога почна епидемијата на Ковид-19.
Одлуката за заострување на мерките би можела да се донесе и поради зголемениот број на семејни собирања, но најмногу поради полнењето на кафулињата и рестораните особено во викенд деновите.
Во викендот што помина инспекторите од Државниот пазарен инспекторат затекнаа во неколку скопски локали гужви кои беа прекинати, а објектите беа затворени.
Во Македонија на сила е полициски час од 22 часот до 05 часот наутро. Лoкалите работат до 21 часот.
Mикробиологот Никола Пановски вчера изјави дека најдобро решение е да се затворат угостителските објекти
„Се знае каде се шири епидемија. Рестораните, барем според мене, не треба да работат. Од економски причини работат, па плаќаме со болест и животи, а друго е што таму внатре не се почитуваат мерките, бидејќи во кафулињата секојдневно гледате како стојат на коњопои на триесет сантиметри без маски“, вели Пановски.
Mинатата недела во Македонија имаше високи бројки на заразени. Сега бројот на активни случаи е над 11.000.
Насекаде во регионот има заострување на мерките. Во Србија можно е исто така да се носат мерки за затворање на угостителските објекти.