Од Конфедерацијата на слободни синдикати нагласија дека секое заболување на работното место од Ковид-19 се смета за повреда на работно место и се исплаќа 100 проценти боледување, согласно член 39 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување
Во овие случаи, како што наведоа од КСС, поради спречување на ширењето на заразната болест, за сите вработени, за привремена спреченост на работа, односно кога е издадено решение за самоизолација истото треба да се исплаќа 100 проценти од плата.
– Во изминатата година, многу пати укажавме дека согласно Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени изложени на биолошки штетности САРС-КоВ-2 е запишан како корона вирус од фамилија “coronaviridae”, што е во согласност со дополнувањето на Европската Директива за биолошки агенси и заштита на работниците од ризици. За вирусите од фамилијата “coronaviridae” имаме утврдено безбедносно ниво 2 (два) исто како и европското законодавство, а работодавачите согласно Законот за Безбедност и здравје при работа се должни да ажурираат проценка на ризик на работно место со изјава за безбедност, образложија од КСС.
Од Конфедерација на слободни синдикати на Македонија изразија загриженост за здравствената состојба на работниците во Македонија и негрижата на надлежните институции за работничките права и побарааа децидно спроведување на Законот за безбедност и здравје при работа.
– Од појавувањето на корона вирусот, КСС заедно со стручните лица за заштита при работа од Македонското здружение за заштита при работа, бара од институциите во целост да ги спроведат законите и на сите работници кои што заболеле на работното место или се во самоизолација да им се исплаќа 100 проценти боледување, но наместо заштита на работничките права Државниот инспекторат за труд кој е одговорен да го следи сето ова, да ги констатира и да ги заштити правата на работниците постапува спротивно на законот, а од друга страна Владата веќе втор пат носи дискриминирачки заклучоци со кои што само на вработените во јавен сектор кои што се само во самоизолација им дава право на надоместок од 100 проценти плата, но не и на оние заболени на работно место и не на работници вработени во приватен сектор, истакнаа од КСС.
КСС ги повикува сите надлежни институции да го почитуваат и спроведуваат законот, во спротивно, како што нагласија, сите тие директно или индиректно ќе бидат одговорни, од една страна поради доведување во животна загрозувачка состојба на работници, а од друга страна во ек на оваа страшна зараза им го прекршиле правото на 100 проценти плата, а кое право законите го пропишуваат.
– КСС останува доследен на барањето, за секое неисполнување на работничките права согласно закон ги повикува надлежните т.е Владата и Државниот инспекторат за труд да стават крај на уништувањето на работникот и неговите права со било какви Уредби и Заклучоци, со кои се суспендира Законот за безбедност и здравје при работа, на и онака осиромаштениот работник кој погоден од оваа здравствена, економска и социјална криза не може да си дозволи квалитетно и целосно лекување. Остануваме цврсто на почитувањето на законите, без разлика дали тоа му се допаѓало некому или не и доколку во најкраток можен период горе споменатите надлежни институции согласно законот не превземат мерки ние ќе ги повикаме сите работници заедно да си ги одбраниме нашите права кои секојдневно се кршат и уништуваат, сметаат од КСС.
Извор : https://www.vecer.press/