Десетти месец по ред цените на храната на глобалните пазари продолжуваат да се зголемуваат и најголем раст има кај млечните производи, месото и растителните масла, соопшти денеска Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Индексот на цените на храната ФАО, кој ги следи месечните промени во квотите на пет основни прехранбени производи – растителни масла, млечни производи, месо, житарици и шеќер – во просек изнесуваше 118,5 поени во март, што е за 2,1 процент повеќе од февруари и највисоко ниво од јуни 2014 година, според извештајот објавен на официјалната веб-страница на оваа агенција на ОН.
Најголем пораст на цената, од 3,9 проценти на месечно ниво, е забележан кај млечните производи во март.
Зголемени се и цените на млеко во прав, како резултат на зголемената побарувачка за увоз во Азија, особено во Кина, падот на производството во Океанија и недостигот на достапни контејнери за испорака во Европа и Северна Америка.
Во март, цените на месото забележаа пораст за 2,3 проценти во споредба со февруари, предводени од зголемените квоти на живина и свинско месо поради зголемениот кинески увоз и продажба на пазарот во Европа пред велигденските празници.
Цените на маслото од растително потекло беа повисоки за 0,8 проценти во март отколку во февруари, достигнувајќи десетгодишен врв, а особено паднаа цените на маслото од соја поради очекуваната голема побарувачка од секторот за биодизел.
Спротивно на тоа, цените на житарките се намалија за 1,8 проценти на месечно ниво, но сепак се за 26,5 проценти повисоки отколку во март 2020 година. Најмногу паднаа цените на извозот на пченица, како резултат на генерално добрата залиха и поволните изгледи за производство за 2021 година.
Пад имаа и цените на пченката и оризот, додека цените на соковите се зголемија. Цените на шеќерот се намалија за 4,0 проценти.
Извор : https://www.biznisvesti.mk/