“Старата цена е 320 денари за килограм. Во моментов немаме достава на нови количини и сè уште немаме информација дали ќе има поскапување“, вели една од продавачките.
“Претходно, за време на празнувањето на католичкиот Велигден во Хрватска и во Италија беа продадени големи количини јагниња“, посочува Георгиев. Според него, голем интерес за нашите јагниња покажуваат грчките трговци, па во таа насока се и очекувањата дека најголемиот дел од преостанатите количини ќе завршат на трпезите на грчките домаќинства кои го празнуваат православниот Велигден. Ѓеорѓиев потсетува дека минатата 2020 година јагнешкото месо за прв пат во однос на претходните пет години постигнало највисока продажна цена на светскиот пазар.
“Во нашата држава, под изговор на корона кризата, имаше намалување на просечната откупна цена“, вели Ѓеорѓиев.
Според него цената на јагнешкото месо почнала да расте од јануари 2021, и таа до овој момент е зголемена за 20%. Покрај намалената понуда, како причина за покачување на цената на јагнешкото ги посочува зголемените трошоци, меѓу кои како суштински ги издвојува оние за сточна храна, за соја и за нафта.
Во слична насока се и проценките на сточарот Даут Думани, инаку прв човек на НВО “Чиста вода , здрава храна”. Задоволен е од фактот дека расте интересот за македонското јагне, а како аргумент ја посочува значително подобрената побарувачка, бидејќи како што вели сите знаат за квалитетот на нашето јагне.
“Речиси сите јагниња од дебарскиот крај се продадени. Станува збор за 4500 – 5000 јагниња кои ќе се најдат на италијанските трпези, а околу 200 јагниња извезовме во соседна Албанија“, вели Думани. Според неговите очекувања, пред Велигден ќе се продадат уште 10.000 јагниња, номадски одгледани, од источниот регион.
И според Думани, зголемените трошоци се една од основните причини за зголемување на цената на јагнешкото.
“Пандемијата со Ковид-19 ги зголеми трошоците на сточарите за одгледување на квалитетно јагне. Ако во 2020 година цената за килограм жива мера изнесуваше 150 денари, оваа година јагнето се подаваше за 180 денари“, вели Думани. Тврди дека и оваа цена е многу ниска ако се земе предвид колку чини одгледувањето на квалитетно јагне.
Оттука и неговиот заклучок дека во оваа дејност нема заработувачка, бидејки сите пари одат за покривање на трошоците.
Според Саво Василев од кланица Василеви од каде се обезбедуваат со месо најголемиот број продавници и месарници во Скопје, неблагодарни и преуранети се какви било проценки за цената на килограм од ова месо.
“Од среда ќе почнеме со помасовна достава, а од следната недела, односно во периодот пред Велигден, таа ќе се врши секој ден“, вели Василев.
Извор : https://biznisinfo.mk/