Цената на ново изградените станови во центарот на Скопје е до 2.000 евра квадратен метар. И покрај растот на цените, градежниците најавуваат дека трендот на зголемување на цените ќе продолжи поради драстичниот раст на цените на градежните материјали. Челикот има нова, повисока цена, за 80 насто, додека другите градежни материјали се поскапи и за 50 насто.
„Наша констатација е дека со покачување на минималната плата и трендот што се најавува дека ќе се покачува минималната плата, а со најавените покачувања на репроматеријалите во моментов цениме дека цените на становите ќе растат“, рече Андреа Серафимовски претседател на Здружението на градежништво.
Гадежниците се пожалија дека здравствено економската криза удрила и врз овој сектор. Лани на квартално ниво или имале огромен минус, или пак минимален раст во работата. Сега, бараат од Владата да подготви пакет мерки за нив, за како што велат, последиците да им бидат помали.
„Бараме да се амортизира ударот од зголемувањето на цените. Посебно кај проектите на кои што на цените на чинење или критериум за одредување на најдобра понуда е најниската цена. Нашата логика е дека доколку нашите компании работат за потребите на државните институции по цени кои се најниски, а цените на репроматеријалите поскапеле за 30, 40 кај челикот и за 80 насто, тогаш ние и помагаме на државата, а не ни помага таа нас“, додава Серафимовски.
Од градежниот сектор сметаат и дека треба да се направи корекција во Законот за јавни набавки, каде најниската понудена цена нема да биде главен критериум за добивање на тендерот. Дополнително, градежниците велат дека не прифаќаат недела да биде неработен ден во нивната дејност. И ќе бараат да бидат изземени од оваа измена на Законот за работни односи. Инаку, во моментов во државава, пред се во Скопје има околу 7.000 новоизградени, а непродадени станови. Во изградба се уште над 13 илјади станови.
Извор: https://alsat.mk/