Причините за ваквите мали олеснувања на мерките, според Министерството за здравство, се што бранот полека стивнува, односно се намалува бројот на заболени, а попушта и притисокот за прием во болниците
Од денеска стапуваат на сила новите мерки за заштита од ковид-19, кои вчера, по препорака на Комисијата за заразни болести беа усвоени од Владата.
Тие содржат делумни олеснувања кои се однесуваат на забраната за движење, која наместо како досега од 20 часот, ќе почнува од 21 часот и нема да важи за претстојните празници, Велигден и Рамазан, ноќта меѓу 1 – 2 мај и меѓу 13 – 14 мај.
Од денеска се отвораат и терасите и градините на угостителските објекти, кои изминатите три недели беа затворени, а според вчерашната одлука и рестораните регистрирани за прослави ќе можат да работат на отворено, но нема да можат да организираат свадби, родендени, крштевки и слично.
Сите овие објекти ќе може да работат до 20:30 часот.
Угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) ќе можат да работат како и досега.
Во новиот пакет рестрикции кои ги усвои Владата од денеска престанува да важи забраната за организирање и одржување на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
Останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање во затворен простор, а дејноста може да ја извршуваат на отворен простор, согласно соодветниот наменски протокол.
Причините за ваквите мали олеснувања на мерките, според Министерството за здравство, се што бранот зараза полека стивнува, односно се намалува бројот на заболени, а попушта и притисокот за прием во болниците.
Надлежните, сепак, апелираат – граѓаните и натаму максимално да ги почитуваат превентивните мерки за заштита, а посебно да бидат внимателни при празнувањето.
Извор: https://360stepeni.mk/