Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари на 66 долари, поттикнати од информациите дека водечките производители ќе продолжат да ги зголемуваат резервите и сигнализацијата дека ширењето на корона вирусот не би требало подолго време да ја кочи побарувачката во Индија.
На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 36 центи во однос на претходното затварање и изнесуваше 66.01 долари.
На американскиот пазар, пак, барел се тргуваше по 40 центи повисока цена, од 62.31 долари.
Експертите од Организацијата на земјите извозници на нафта (ОПЕК) изразија вчера загриженост заради порастот на бројот на новозаразени од корона вирус, но ја потврдија проценката на побарувачката во 2021 година, која би требало да расте за шест милиони барели дневно. Таа во 2019-та падна за 9,5 милиони барели дневно.
„Трговците не сакаат да го пропуштат состанокот на ОПЕК, затоа што може поволно да влијае на цените, а ограничениот оптимизам се одразува на нив. Но, ако ОПЕК ја игнорира состојбата во Индија, растот на цените брзо ќе се издува“, предупредува Бјорнар Тонхауген од „Рајстад Енерџи“.
Индија веќе неколку денови бележи повеќе од 300 илјади случаи на заболени со ковид-19 дневно, а бројот на смртни случаи се доближи до 200 илјади, потсетува Ројтерс.