Во земјава утрово стигнаа 200 илјади вакцини против ковид-19 од кинеската фирма „Синофарм“, кои се купени со директни преговори со производителот. Министерот за здравство Венко Филипче, кој ја пречека пратката заедно со кинескиот амбасадор Џао Ѕунг, рече дека вакцинацијата ќе почне од 4 мај, вторник, во Скопје во „А1 арената Борис Трајковски“ и во спортски сали во шест градови во земјава.
Вакцините ќе се чуваат во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.Масовната вакцинација ќе се спроведува во Скопје, во салата „Борис Трајковски“, како и во спортските сали во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.
На вакциналните пунктови ќе помагаат и здравствените работници од околните градови, а планирано е да се вакцинираат помеѓу 10 и 15 илјади граѓани дневно. Во исто време ќе функционираат и амбулантите на имунизација во Здравствените домови.
Вакцината на „Синофарм“ се дава во две дози. За разлика од вакцината на „Фајзер“ која треба да се чува на температура од – 70 Целзиусови степени, кинеската може да се чува во обичен фрижидер.
Во наредниот период ќе стигнат уште 500 илјади вакцини на „Синовак“ и дополнителни 100 илјади кинески од „Синофарм“, како и уште 26 илјади од „Фајзер“.
„Со оглед на лошата ситуација со ковид-19 во Индија, неизвесно е доаѓањето на вакцините од ‘АстраЗенека’, со оглед на тоа дека таму се произведува“, кажа Филипче.