Основната потрошувачка кошничка стигна до 34.000 денари. Ниту една просечна плата, ниту две минимални плати не стигнуваат за да се задоволат потребите на едно четиричлено домаќинство. Според пресметките што ги прави ССМ секој месец, основните потреби на едно семејство за еден месец се зголемиле за над 200 денари.
Пресметките на синдикатот покажуваат дека вредноста на синдикалната кошница во април изнесувала 33.976 денари од кои најмногу или 14.332 денари се потребни за храна и пијалоци и 10.809 за комуналии. Остатокот е за превоз, хигиена, облека и обувки…
Од синдикатот велат дека токму на ова предупредуваа кога бараа повисока минимална плата која Владата и работодавачите ја одбија. Велат дека цените растат многу побрзо од платите. Тоа се случува во услови кога транспортот не е поскапен, што значи дека трендот на поскапување допрва почнува. Од ССМ велат дека мора да се бара начин за зголемување на платите.
Оние семејства кои имаат на располагање по 34.000 денари месечно, близу 75% од приходите ги трошат на храна и сметки. Според пресметките на ССМ, тие најмалку трошат за одржување на здравјето или само 2% од приходот.