Туристичките агенции се надеваат на повеќе работа со отворањето на Грција за македонски државјани. Велат дека откако во медиумите била објавена информацијата оти јужниот сосед ќе ја отвори границата, доста граѓани се јавиле во агенциите да се распрашуваат, а имало и такви кои се одлучиле да резервираат сместување.
“Откако се отворија границите, ние отидовме до Грција за да ја провериме целата состојба и да ја потврдиме процедурата и дали е се во ред. Процедурата е дека се приложува PLF документ, 24 часа пред доаѓање на граница, потоа негативент ПСР тест, доказ за вакцина или тест за антитела за оние кои прележале. Има интерес од граѓаните, се јавуваат, се распрашуваат. Мое мислење е дека ова ќе влијае позитивно на работата на агенциите, полека ќе почнеме да се враќаме во нормала. Но, рано е да се зборува за големи ангажмани. Сепак, интерес има и очекуваме раздвижување на работата на агенциите, вели за „Денар“ Ана Марија Алексова”, туристички работник.
Граѓаните се интересираат и за Албанија и за Црна Гора. Во овие две држави може слободно да патуваат. Но, од агенциите велат дека со приближувањето кон летната сезона ќе се добие јасна слика каде најмногу македонските граѓани ќе патуваат ова лето. Во секој случај очекуваат подобра летна сезона од минатата година.
“Досега повеќе се јавуваа и поставуваа прашања, но сега очекуваме повеќе повици за резервации и уплати. Секако први се јавуваат луѓето кои веќе имаат уплатено и имаат туристички ваучери кои лани не успеаја да ги искористат, но има и нови кои не поседуваат ваучер. Ќе бидеме оптимисти само да продолжат да опаѓаат бројките и секако епидемиолошката слика да се подобрува”, додава Алексова.
Очекуваат наскоро и другите европски земји да ги отворат вратите за македонските државјани и со тоа полека да се вратат летните сезони од пред пандемијата кога граѓаните уште во зимските месеци резервираа сместувања.
Државата и годинава ќе доделува туристички ваучери, во износ од 12 илјади денари. Ќе бидат наменети за лица со ниски примања, чии приходи во семејството не надминуваат 30 илјади денари. Повикот ќе биде објавен во текот на следната недела. Ќе бидат доделени 1.250 туристички вауери.
Поради пандемијата туристичките агенции една година беа без работни ангажмани. Голем дел од нив претрпеа огромни штети поради што некои одлучија да ги затворат агенциите.