Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до надлежните државни и инспекциски органи да преземат мерки за санкционирање на работодавачи кои ги попречуваат работниците да се вакцинираат во термините кои им се определени во работните денови или пак денот за имунизација им се третира како неплатено отсуство.
Сето ова, како што соопштија од ССМ, ги дестимулира работниците да се имунизираат, а со тоа се загрозува животот и здравјето на работниците, но и се попречуваат мерките на Владата за масовна имунизација на населението како единствен излез од здравствената криза и можност за постепено враќање на сите функции на општеството и државата.
21 слободна позиција за АДМИНИСТРАТИВНИ ПРОФЕСИИ - Сите огласи се на ЛИНКОТ
-Сведоци сме дека во државите во нашето окружување се воведуваат финансиски и други погодности за мотивирање на населението за имунизација, а според податоците со кои располага ССМ дел работодавачи во нашата држава ги дестимулираат работниците, а со тоа постапуваат и спротивно на мерките и активностите на Владата за сузбивање и завршување на здравствената криза, наведуваат од Сојузот.
Од Сојузот на синдикатите бараат Комисијата за заразни болести во најкус можен рок да препорача до Владата да се донесат соодветни протоколи за задолжително платено отсуство од работа за работниците на денот на имунизација, како и за деновите во кои работниците кои имале здравствени реакција на имунизацијата треба да бидат на платено отсуство од работа согласно мислењето на матичен лекар.
ССМ апелира работниците да ги пријавуваат несовесните работодавачи на телефонскиот број 070 818 878 или на мејлот: prijavi@ssm.org.mk, како и преку новата мобилна апликација: ССМ- мои работнички права.