На 1 јуни да се укине полицискиот час, да се прават свадби само на отворено со протоколи, работното време на угостителските објекти да се врати како пред пандемијата, на една маса да можат да седат повеќе луѓе. Според информации на Сител ова е планот на надлежните за олеснување на рестриктивните мерки ако продолжи стабилната епидемиолошка состојба со Ковид-19. Сепак предлогот на Комисијата за заразни болести е и понатаму да се носат маски на отворено.
-Маските треба да продолжат да се носат и понатаму и се уште е рано да се тргнат како мерка, изјави министерот за здрaвство Венко Филипче.
И неделната анализа на Институтот за јавно здравје покажува намалување и на бројот на нови случаи и починати од компликации од Ковид-19. За една недела регистрирани се 674 позитивни што е речиси за 50 проценти помалку од претходната седмица, а за 38 отсто намалена е и смртноста, но во дневните извештаи и понатаму има висока двоцифрена бројка на пациенти кои ја загубиле битката со вирусот. Министерот за здравство смета дека е потребна подетална анализа за причините за високата смртност, не само кај нас туку и во регионот.
-Не може да се одговори ад хок потребна е подетална анализа и за хроночните состојби, рече Филипче.
До крајот на неделата и интерните клиники се враќаат во нормална функција поради намалување на бројот на хоспитализации, а ковид пациенти ќе се примаат само во инфективните одделенија и во дел од модуларните болници.
извор: sitel.com.mk