Трошоците за живот во земјава растат -истражува ТВ 24. Во маркетите и на пазарите цените од ден во ден одат во нагорна линија. Граѓаните велат животот станува се поскап, се троши само за најпотребното.
Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 10.8 %, зеленчукот освен компирите и другите коренести плодови за 7.2 %, свежото и разладеното овошје за 5.3 %, шеќерот, џемот, медот, и чоколадата за 0.9 %, лебот и житата за 0.2 %.
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во своите заклучоци нотира дека растот на глобалните цени на енергијата и храната ја зголеми инфлацијата, ќе биде умерена и е одраз на глобалните фактори. Во земјава има раст на БДП од 3,8 проценти, на потрошувачките цени со умерено темпо од 2,2 проценти, како и дефицит од 5,4 проценти од БДП.
Според податоците на Државниот завод за статистика, 455.600 лица во Македонија живеат во тешки услови. И последните пресметки на Сојузот на синдикати покажуваат дека во март 2021 година висината на минималната кошница изнесува 33.772 денари што е за 3.484 денари повеќе во однос на две минимални плати во земјава.