Бројот на новозаболени со Ковид-19 се намалува. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а кај граѓаните интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Во текот на вчерашниот ден почна вакцинација на лицата со ретки болести заведени во Националниот регистар за ретки болести.
Вакцинацијата ќе се изведува во наредните неколку дена на вакциналните пунктови во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Се вакцинираат и родителите и старатели на малолетните лица од овој регистар кој има околу 60 различни дијагнози на ретки болести. Покрај овие лица ќе се вакцинираат и пациентите со цистична фиброза. Во оваа категорија ќе се вакцинираат и родителите и старателите на малолетните лица со Цистична фиброза, соопшти Министерството за здравство.
Неделава завршува и вакцинацијата на околу 2000 пациентите кои се на дијализа, чекаат орган на листите за трансплантација, имаат трансплантиран орган или и самите се донори. Во вчерашното деноноќие има 46 новозаразени од направени 3073 тестирања. Регистрирани се 147 оздравени пациенти, а најмногу во главниот град – 73. Пријавени се вкупно 14 починати лица, осум од Скопје, по две лица од Гостивар и од Кичево и по едно лице од Куманово и Тетово. Од пријавените, шест лица се починати во домашни, а останатите осум во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 782.654 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155117, бројката на оздравени пациенти е 147190, на починати е 5356, а бројот на активни случаи изнесува 2571. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 298 и има околу 570 празни болнички кревети во ковид-центрите. Од 298 хоспитализирани, 128 се во главниот град, а во болниците низ земјава 170 пациенти. Модуларната болница што е во кругот на велешката Општа болница е затворена поради намалениот број на хоспитализирани пациенти. До крајот на оваа недела и модуларната ковид-болница во Кочани ќе биде затворена и во неа веќе нема да се примаат пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Надлежните постојано апелираат граѓаните да се пријават и да се вакцинираат.