Преку законски акт потпишан од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и објавен во Службен весник, Грција е меѓу првите земји што официјално и во пракса го воведува европскиот дигитален ковид сертификат, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретниот законски акт ги предвидува начинот на издавање и содржината на сертификатот, а генералниот секретар за координација на Владата Танасис Кондогеоргис, за грчката телевизија ЕРТ утрово објасни дека „Грција заедно со првите неколку земји ќе почне од утре да го спроведува“.
Согласно објавениот акт, дигиталниот ковид сертификат содржи информации за состојбата на физичкото лице, односно за оној кој го поседува, во случај на вакцинација, резултат од последен брз молекуларен тест (рапид) или ПЦР тест или прележан Ковид-19.
За сите три опции вклучени се основните лични податоци како што се име и презиме и датум на раѓање.
Во случај на вакцинација, неопходни податоци се вид на вакцина, производител, број и датум на примените дози.
За втората опција, односно негативен резултат од направен тест, сертификатот содржи податоци за видот на тестот, производител на тестот, датум на спроведување и установа во кој бил направен, како и резултатот.
Доколку лицето кое го поседува сертификатот, прележало Ковид-19, тогаш потребен е податок за датумот на позитивен резултат.
Европскиот дигитален Ковид сертификат официјално беше презентиран во петокот во Атина.
извор: republika.mk