По подолго време вчера Министерството за здравство регистрираше едноцифрен број на новозаболени од Ковид-19. Податоците на Институтот за јавно здравје покажаа дека има само три нови случаи со Ковид-19 од направени 1325 тестирања.
Трите нови случаи се во Скопје, позитивно е тоа што во некои градови, како што се Демир Капија и Дојран, нема повеќе активни случаи, а во дел од градовите, бројот на активни случаи е едноцифрен.
Се намалува и бројот на починати лица. Така, за разлика од претходно, во последните 24 часа беа евидентирани само пет починати лица – по едно во Скопје, Радовиш, Тетово, Штип и Пробиштип.
Малиот број на новозаболени го намали и притисокот врз болниците во кои се лекуваат вкупно 194 пациенти и има слободни 530 кревети. Бројот на слободни кревети секојдневно се зголемува и со отписот на оздравените пациенти.
Иако епидемиолошката состојба е поволна и рестриктивните мерки се олабавуваат, сепак министерот за здравство Венко Филипче апелира до граѓаните да останат внимателни.