Шпанија денеска повторно ги отвора своите граници за патниците вакцинирани против коронавирус, кои доаѓаат од ЕУ, трети земји или земји поврзани со Шенген, надевајќи се дека на тој начин ќе го оживее својот туристички сектор.
Патниците кои доаѓаат во Шпанија е потребно да имаат сертификат за вакцинација против коронавирус.
Како што пренесува шпански Ел Паис, во Шпанија може да влезат сите кои примиле вакцини одобрени од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови, односно вакцини од компаниите „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „Астра-Зенека“, „Џонсон и Џонсон“, „Синофарм“ или „Синовак“.
Патниците кои доаѓаат од земји кои се на листата на ризични зони, како Франција или Германија можат да приложат антигенски наместо ПЦР тестови, додека другите патници од земјите на ЕУ кои спаѓаат во нискоризични, не мораат да покажуваат тестови при влез во земјата.
Забраната за влез во земјата останува на сила за патници од Индија, Бразил и Јужна Африка, дури иако се целосно вакцинирани.
Шпанската министерка за здравство, Каролина Дариа рекла дека Шпанија е во процес на враќање како глобален лидер во туризмот и дека претставува безбедна локација за одмор.
извор: www.slobodenpecat.mk